Премиерот Заев ja посети населбата Средорек

13.10.2020 06:36 | KumanovoNews

  Премиерот Зоран Заев, во саботата по свеченоста на Спомен-костурницата ја посетил кумановската населба Средорек.

Премиерот Заев ja посети населбата Средорек

Тој вчера на Фејсбук објави дека бил во Средорек, за да се увери во големите градежни зафати кои се завршени во оваа населба.

- Повеќе од 100 години во оваа населба не била направена никаква урбанизација, ниту реконструкција. За краток рок општината обезбеди нова комунална инфраструктура која е од големо значење за жителите на населбата. Со овие проекти локалната власт во Куманово ја демонстрира грижата за секој дел, за секоја населба од својата општина и грижата за сите граѓани. Завршените работи на канализационата мрежа во Средорек, како и работата на асфалтирањето на улиците се придонес за поквалитетен живот и секојдневие на локалните жители. Во Куманово и во поширокиот регион, во полн ек е градежната офанзива на различни капитални инфраструктурни проекти,  – нагласи премиерот.

Новинарите не беа известени за посетата на владината делегација на Средорек, а јавноста за тоа дозна преку социјалните мрежи. Прв се пофали советникот во Советот на Општина Куманово, Самет Салиевски, кој во саботата напиша дека за првпат премиер на држава е во посета на Средорек.

- Голема благодарност до Зоран Заев од жителите на населбата за укажаната чест и почит кон нашата заедница. Повод, не еден, прво празникот 11 Октомври, а потоа и целосната реконструкција на инфраструктурата во населбата за што уште еднаш искажуваме голема благодарност до градоначалникот Максим Димитриевски, министерот Оливер Спасовски, пратеникот Мартин Костовски и сите кои дадоа свој придонес за да жителите на оваа населба добијат попристојни услови за живот, - напиша Салиевски.

Во изминатиот месец во населбата беше реконструирана канализациона мрежа, ставен асфалт и бекатон на неколку улици, се асфалтираше ул. „Доне Божинов“ на влезот на населбата, а беа насликани и мурали на неколку објекти каде што се одржал собирот.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk