Престана со работа лизгалиштето во Куманово, поради топлото време

19.02.2020 16:00 | KumanovoNews

Монтажното лизгалиште, кое владата го донираше на Куманово престана да работи. Веќе дваесетина дена лизгалиштето не е во функција затоа што се топи мразот поради високите температури, па системот за ладење не можe да функционира.

Престана со работа лизгалиштето во Куманово, поради топлото време

Од ЈП „Чистота и зеленило“,  велат дека кога e монтирана опремата им било речено дека максималната  температура за да работи системот е 4 степени, а во изминатиот период дневните температури достигаа и до 20 степени.  

И покрај тоа што системот за ладење работеше 20 часа на создавање на мразот, тој за пола саат се уништуваше од лизгалките затоа што надворешната температура е висока. Доаѓаше и до оштетување на каблите под лизгалиштето и затоа престанавме да работиме, - додаваат надлежните.

Луѓе кои работат на издавање на опремата за лизгање, велат дека лизгалиштето работело десетина дена, а имало голем интерес од децата. Дневно имало над 1000 посетители.

Лизгалиштето во Куманово започна да работи на 6 јануари, но временските услови не беа погодни за негово одржување.

Во август минатата година, Владата донесе одлука да се изградат седум монтажни лизгалишта во седум општини, меѓу кои и во Куманово. Вредноста на овој проект изнесуваше 228.000 евра, а со него стопанисува и го одржува Општина Куманово.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk