Преку проект за прекугранична соработка Куманово и Врање ќе добијат 310.000 евра за набавка на специјализирани возила

06.12.2023 15:52 | Оливера Пешевска

Јавните претпријатија "Водовод“ од Куманово и Врање ќе набават специјализирани возила со  кои ќе ја зголемат ефикасноста на услугите, но и заштитата на животната средина.

Преку проект за прекугранична соработка Куманово и Врање ќе добијат 310.000 евра за набавка на специјализирани возила

Возилата ќе бидат набавени во рамки на  ИПА 2 програмата  на Европската Унија за прекугранична соработка помеѓу Србија и Македонија , преку проект вреден 310 илјади евра, кој денеска беше промовиран во Куманово.

Планирано е кумановски Водовод да добие цистерна каква што не е набавена од 1996 година, за да се справи со најголеми предизвици со кои се соочува. Тоа се поројните дождови, при што атмосферските води се вклучуваат во фекалната канализација и доаѓа до излевање на улиците или нивно  враќање во куќите.

„Нашето претпријатие ќе добие канал џет-цистерна под притисок која ќе служи за прочистување на атмосферска и фекална канализација,со што се надеваме дека ќе ја подобриме услугата кон граѓаните.Со ова цистерна ќе можеме брзо и ефикасно да реагираме при поројни дождови, а тоа е и намената и целта на проектот“, истакна директорот Оливер Стојмановски.

Канал-џет цистерната е 5 тонска, односно со капацитет од 5.000 литри за да може да влезе во помалите и потесните улици. Моќноста е 4-5 бари пристисок, што е сосема доволно за извршување на функцијата.

Колегите од ЈП„Водовод“ од  Врање истакнаа дека  имаат одлична соработка со кумановското претпријатие и размена на искуства.

„ Ние аплициравме за градежна машина ИЦБ која ќе се користи за продолжување на постоечката и изградба на нова канализациска мрежа, како и за заштита од евентуални поплави. Вредноста е некаде 105 илјади евра, грантот покрива 85% од износот, додека остатокотод 15 % ќе биде на товар на нашето претпријатие“, посочи  Наташа Димитријевиќ,  финансиски директор  на ЈП Водовод Врање.

Овие активности се дел од проектот „Зајакнување на меѓуграничната соработка меѓу Македонија и Србија со заедничка цел подобрување на животната средина“ , кој го спроведува Центарот за развој на североисточниот плански регион, а имплементацијата е 12 месеци. Со негова реализација ќе се  зголемат капацитетите за процена на ризик и интервенција при катастрофи. Тоа ќе се постигне со подобрување на капацитетите на системот за навремено и ефикасно менаџирање во криза, природни катастрофи, заштита на човечки животи и имот и одржлива соработка во меѓуграничниот регион.

 

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk