Превозниците ако не ги средат автобуските постојки ќе останат без лиценци, се закани Дамјановски

20.06.2017 15:01 | KumanovoNews

Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски најави санкции за превозниците во градскиот превоз, доколку не ги средат автобуските постојки, по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за немање на основни услови и место патниците да се заштитат од временските неприлики додека чекаат автобус.

Превозниците ако не ги средат автобуските постојки ќе останат без лиценци, се закани Дамјановски

Дамјановски тврди дека наскоро ќе се подобрат условите во градскиот превоз, бидејќи општината потпишала договор со превозниците, кој предвидува изградба и поставување на автобуски постојки на улиците по кои се движат.

Според договорот за линиски превоз на патници од 2017 година до 2021 година, фирмите “Оли травел“, “Штуз“ и “Јоцо Турс“ имаат обрска да извршат реконструкција и поставување на нови настрешници на 55 автобуски стојалишта на 15 улици во градот.  

 „Во договорот  кој е потпишан на почетокот на годината, под член бр. 4 превозниците се задолжуваат да ги уредат, изградат или реконструираат јавните постојки на улиците: 11 Октомври, Трета МУБ, Октомвриска револуција, Никола Тесла, Гоце Делчев, Народна револуција, Тоде Думба, Видое Смилевски-Бато, 11 Ноември, Индустриска, Тоде Мендол, Благој Илиев- Гуне, Михајло Пупин, Ѓорче Петров и населбата Долно Којнаре. Во договорот јасно се дефинирани условите и стои дека во првата година ќе бидат реконструирани или доградени 50 отсто од постојките, во втората 30 отсто, а во третата година целосно ќе бидат завршени. Јас се надевам дека работата ќе отпочне наскоро, - изјави градоначалникот Дамјановски.

На новинарско прашање дали општината има механизам и зошто досега не ги натерала превозниците да ги поправат постојките бидејќи истата обврска ја имаа и во предходниот договор пред 5 години, градоначалникот најави санкции и се закани дека овојпат ќе им ги одземе лиценците доколку не се држат до договореното.

 „Во предходниот договор на мое жалење немаше предвидено санкции. Сега одговорно тврдам пред кумановската јавност дека неизвршување на договорот ќе значи укинување на лиценците за линискиот превоз, а тоа ќе има далекусежни последици за самите превозници. Мислам дека повеќе нема место за избегнување на одговорноста на превозниците кон општина Куманово. Договорот за постојките е основен услов за добивање на лиценците. Тоа е нивна обврска за нормално и граѓанско функционирање на линискиот превоз,- појасни Дамјановски.

 Градоначалникот додаде дека квалитетен градски превоз не значи само технички исправни автобуси, туку и обезбедување на услови за чекање, јавно обележан ред на возење, точноста на тргнување и пристигнување, информираност на патниците, поради што во наредниот период локалната самоуправа ќе поведе повеќе сметка за решавање на овие проблеми кои секојдневно ги засегаат граѓаните.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk