Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Превозот за ученици се плаќа по зони, при што првата зона е најевтина и за ученик се плаќа по 57 денари дневно.
Претседателот на Советот, Максим Димитриевски побара од градоначалникот да објасни колку се плаќа за ученичкиот превоз, за да се разјаснат дилемите кои се појавија во јавноста по пишувањето на медиумите и одржаната прес- конференција на ГРОМ.
Како е организиран превозот и дали е точно дека се плаќа неколку пати повеќе за превоз на ученици - праша Димитриевски.
На ова градоначалникот Зоран Дамјановски одговори дека превозот на ученици е поделен во 6 зони, при што првата зона чини 57 денари, а сите други се поскапи зависно од далечината до училиштето. Тој кажа дека 15 компании го вршат превозот, а се превезуваат и средношколци од општините Старо Нагоричане и Липково.
Се работи за околу 5300 ученици, од кои 3886 се во средно и околу 1572 во основните училишта. За да се изведе овој процес се потребни 47 автобуси и 37 минибуси. Превозот чини 80 милиони денари годишно, и тоа 20 милиони за основно и околу 60 милиони за средно - рече Дамјановски.
За истата тема се интересираше и советникот од ГРОМ, Драги Караџински при што градоначалникот кажа дека не е точно дека во општина Куманово се плаќа поскапо по ученик и наведе примери од Велес и Битола каде цените се поскапи.
Превозот на учениците се покрива од блок дотациите од Министерството за образование и наука.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk