При крај е реконструкцијата на спортската сала во Куманово, тврдат надлежните

06.09.2024 08:55 | Оливера Пешевска

Со поставување на паркет на теренот во спортската сала во Куманово ќе започнат завршните активности за финиширање на реконструкцијата.

При крај е реконструкцијата на спортската сала во Куманово, тврдат надлежните

Надлежните не објавуваат конкретен датум кога ќе биде пуштена во употреба, но според динамиката се очекува тоа да биде за Денот на градот - 11 Ноември.

Поставена е конструкцијата и монтиран е големиот, четворостран семафор, обновена е водоводната и канализациска инсталација, електриката, позиционирани се рефлекторите, поставена е изолација на објектот, завршен е седечкиот дел на трибините.

„Се работеше на поправка на кровната конструкција, каде имаше протекување. Нанесени се два слоја од епоксидна смеса, како подготовка за подот на самиот терен. Се работи интензивно и се наѕира крајот на работата“, истакна Момчило Јовановски од Сектор за комунални работи.

Поради долготрајниот сушен период не е проверена корекцијата на кровната конструкција каде се јавило протекување, но обрнато е посебно внимание. Одговорните се надеваат дека нема да има непријатни изненадувања.

Реконструкцијата на спортската сала во Куманово започна пред три години со замена на кровот и трибините, и досега се потрошени повеќе од два милиони евра, што државни, што општински пари. 

Владата во 2020 година ја врати спортската сала на Општина Куманово, откако со неа стопанисуваше приватен субјект.

Спортската сала во Куманово е изградена 1980 година и има капацитет од 4.150 седишта. Таа е најголемиот затворен спортски објект во Куманово, каде се одржуваа кошаркарски, ракометни, футсал, одбојкарски и боксерски натпревари.

Откако таа не е во функција за спортските натпревари се користа училишните сали.

(Фото: Општина Куманово)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk