Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за залепени плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје и се преземааат мерки за расчистување на случаите. Исто така, имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово, село Баница, струмичко и општина Боговиње, но по преземени мерки од страна на полициските службеници, тие наводи до сега не се потврдени“, соопшти Ангеловски.
МВР апелира до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица.
И од Јавното обвинителство на Македонија, денешниот ден го оценуваат како мирен и без поголеми нарушувања на изборниот процес.
„Сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства“, изјави јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.
Привремената Комисија на јавното обвинителство за следење на изборни нерегуларности и денеска продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес. Електронската адреса е отворена за сите пријави на сомненија за кривично дело кое би можело да го наруши текот на изборите. Организирани се вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а воспоставена е и тесна координација со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk