Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Почна да пристигнува хуманитарна помош од здруженија и граѓани за шестчленото семејство Маринковски, кое живее во голема сиромаштија во центарот на Куманово.
Денеска помош однесе Црвен крст, здружението Крепост и поедини граѓани, а има најава за помош и за во текот на утрешниот ден.
„Донесовме прехранбени производи, средства за лична хигиена и кебиња. Се надевам дека и во наредниот период ќе продолжи нашата помош кон ова семејство, кое досега не беше регистрирано кај нас, - изјави Филип Кузмановски, волонтер во Црвен крст Куманово.
„Ова семејство е навистина многу загрозено. Ги ставиваме на листата за месечна помош во храна и неопходни прехранбени продукти. Се работи за семејство кое живее во исклучително тешки услови, во трошна куќичка и со недоволни месечни примања. Упатувам апел до сите хумани граѓани да помогнат, бидејќи се работи за дечиња кои имаат посебни потреби. Првичниот апел би бил да обезбедиме градежeн матерјал да се поправи оваа трошна куќичка, да се заменат вратите и прозорците и да се изгради бања. Со другите колеги адвокати ќе обезбедиме правна помош на семејството преку Центарот за социјални работи“, - изјави Христија Георгиевски од Крепост.
Зоран Маринковски пред неколку месеци прележал туберкулоза и има проблеми со белите дробови, се заблагодари на помошта, но апелираше да му се помогне за да создаде подобри просторни услови за децата, бидејќи неговата плата од 12.000 денари од ЈП „Чистота“ не стига за храна и лекови за семејството, а не за поправка на трошниот дом.
„Најмногу ни недостасува бања. Немаме топла вода за да ги капеме децата. Се капеме во корито, откако собата ќе се стопли. Децата се болни, не можат сами да се грижат за себе, - вели Зоран.
Неговата соруга Магдалена додава, дека за најмалиот Лука немаат доволно облека за на училиште, па секоја помош е добродејдена.
Семејството не прима социјална помош по ниеден основ за сопругата Магдалена и трите деца: Марија (28), Мерлина (18) и Андреја (12), кои се со интелектуална попреченост, ниту пак детски додаток за Лука (8), кој е ученик во трето одделение во основното училиште „Толи Зордумис“. Тие кажуваат дека во нивниот распаднат и сиромашен дом на улицата „Сава Ковачевиќ“ бр.20, никогаш не влегол социјален работник, ниту пак некој покажал интерес да им помогне да ги остварат своите права.
Како последица на сиромаштијата и болеста, семејството Маринковски живее во мизерни услови. Во куќата немаат кујна ниту купатило, а вода имаат само во дворот. Се грејат на остатоци од дрва и пластика, што некој им ги дал или ги собирале на депониите. Куќата е стара и трошна, кровот протекува, па парчиња малтер и трска отпаѓаат од плафонот на зачадените соби и можат секој момент некого да повредат.
Освен егзистенцијалните и здравствени проблеми, на семејството Маринковски му се заканува повторно да остане без електрична енергија поради неплатен долг од 21.000 денари за минатата година.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk