Пристигнаа учесниците на спортската Гимназијада

05.05.2016 09:28 | KumanovoNews

Во средното училиште „Перо Наков“, предпладнево пристигнуваат учесниците на годинешнава спортска манифестација Гимназијада, која од денеска до сабота ќе се одржи во Куманово.

Пристигнаа учесниците на спортската Гимназијада

Учениците ќе бидат сместени кај своите врсници, додека професорите во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“.

„Нашето училиште денеска има чест да биде домаќин, односно место, каде ќе пристигнат гостите: професори и ученици од цела Македонија.Дел пристигнаа дел ќе стигнат до 12 часот, по што ќе бидат распоредени кај нивните домаќини, - изјави Лидија Тасевска, директор на „Перо Наков“.

Во училиштето вриеше од деца и професори од сите средни училишта во градот, кои чекаа гостите да пристигнат за да ги преземат и сместат.

Натпреварите почнуваат во 14 часот во спортските сали во училиштата: „Вук Караџиќ“, „Толи Зордумис“, „Христијан Карпош“, „Магдалена Антова“, „Перо Наков“, „Киро Бурназ“, „Браќа Миладиновци“, градската спортска сала,  стадионот кај спортската сала и на атлетската патека во Соколана.

Ќе се натпреваруваат околу 1000 ученици од 60 училишта во државата.

Од 19 часот ќе започне дефиле за учесниците, а свеченото отварање е закажано во 20 часот во спортската сала Куманово.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk