Пробен попис на земјоделството од 15 до 30 јуни и во Куманово

14.06.2022 11:30 | KumanovoNews

Државниот завод за статистика(ДЗС) ќе спроведе Пробен попис на земјоделството во периодот од 15 до 30 јуни 2022 година.

Пробен попис на земјоделството од 15 до 30 јуни и во Куманово

Со Пробниот попис ќе бидат опфатени одреден број семејни земјоделски стопанства и деловни субјекти што се регистрирани и се занимаваат со активности поврзани со земјоделството.

„Основна цел на Пробниот попис е да се тестираат методологијата и прашалниците за спроведување на Пописот, како и организациските и стручните аспекти на оваа активност. За таа цел, ќе бидат посетени одредени семејни земјоделски стопанства во избрани општини (Илинден, Куманово, Тетово, Кавадарци, Кривогаштани, Струмица и Чешиново-Облешево), како и деловни субјекти во повеќе општини: Илинден, Гази Баба, Кисела Вода, Бутел, Тетово, Куманово, Струмица, Битола, Ресен и други“, соопштува ДЗС.

Попишувачите, обучени од страна на Државниот завод за статистика, ќе ги посетат земјоделските стопанства и деловните субјекти и ќе ги интервјуираат со помош на рачно преносливи компјутери - таблети.

Пробниот попис се спроведува во согласност со Законот за државната статистика, а методолошките и организациските аспекти се целосно усогласени со европските регулативи.

Соработката и учеството на домаќинствата и деловните субјекти во оваа статистичка акција ќе му помогнат на Државниот завод за статистика да обезбеди успешно спроведување на главниот Попис на земјоделството следната година.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk