Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Основниот суд Куманово денеска продолжи судењето против Бајрам Лимани од селото Лојане и Амир Љатифи од Куманово, обвинети за убиството на Реџеп Исмаили (45)- командант Шипоња, извршено во угостителски објект во населбата Бедиње.
На четвртото рочиште, кое траеше повеќе од четири часа, биле сослушани двајца сведоци на Обвинителството, кои тврделе дека виделе како дошло до инцидентот, но не и како се случило убиството. На следното рочиште закажано кон крајот на септември ќе бидат сослушани уште двајца сведоци, вешто лице и еден од повредените во престрелката - Гани Демири, кој бил недостапен за органите на прогонот, а во меѓувреме е екстрадиран во државата.
Лимани и Љатифи се обвинети за убиство и убиство во обид, бидејќи на 23 јули минатата година го убиле Шипоња, а раниле уште две лица по расправија во угостителски објект. Додека Лимани седел со своите пријатели, пристигнала петчлената група на Шипоња. Меѓу сопартијците настанала расправија која прераснала во физичка пресметка, по што било употребено оружје. Повредите на Шипоња биле фатални, а двајцата ранети го преживеаја нападот.
Партиски извори велат дека причина за несогласувањата на двајцата команданти била амбицијата за претседателското место на ДУИ во Куманово. На Лимани, кој с` уште е в.д. претседател на ДУИ Куманово, пред еден месец мерката притвор му беше заменета со куќен притвор. Кривичен совет од Основниот суд Куманово одлучил дека тоа нема да има пречки да се обезбеди неговото присуство на судењето, нема да влијае врз сведоците затоа што сите дале исказ во полицијата и повеќето во судот, а обвинетите го признале делото за поседување оружје.
Членови на семејството на Шипоња, по завршување на рочиштето, побараа случајот да го преземе Специјалното јавно обвинителство, бидејќи немаат доверба во кумановскиот суд и во судскиот систем во државата.
Денешното судење се одвиваше под силно полициско обезбедување.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk