Промени доаѓаат, „Шарената револуција“ го навестува тоа

09.05.2016 08:44 | KumanovoNews

 Сите сме сведоци на животот во едно режимско сивило кое владее со народот и државата веќе полни десет години, сивило каде безаконието е пред правата загарантирани со Уставот и во кое сендвичите и сличните дребулии стануваат мотив за излегување на некакви си контракампови, а еве сега гледаме и контрапротести.

Промени доаѓаат, „Шарената револуција“ го навестува тоа

  И кога таман помисливме дека лудориите на владејачката гарнитура ја доживеале својата кулминација, оп, ете ти ја аболицијата. Што одлука донесе бе претседателе? Алал да ти е, секоја чест... Криминалци се аболицираат, а се приведуваат слободни граѓани кои излегле да го искористат своето право на протест. Ама во ред е, па не си ти виновен. Како може да биде виновен човек кој истера скоро два мандата без да каже нешто свое? Не, не, во никој случај. Па реално и марионетката не е виновна за изговорените зборови и за насоката во која се движи. На крајот на краиштата конците ги влече некој „одозгора“, а кај нас и тоа како ги влече, не попушта, иако гледа дека веќе почнаа да се кинат, се кинат уште од минатогодишните бомби, кои фала му на Бога отворија очи на пола Македонија. Ама, како велат старите „Во секое лошо, се наоѓа и нешто добро“, па така и во нашиов куклен театар (како што јас ја нарекувам македонската политичка сцена), по целата оваа еднодецениска монотонија, конечно се појави малку боја. Отпочна „Шарената револуција“.

 И немојте да мислите дека сите ние што се собираме секој ден во 19 часот пред судовите сме „лудаци“ кои немаат попаметна работа и кои уживаат да фрлаат боја во знак на револт, а уште помалку дека сакаме да уништиме сѐ што е направено со народни пари. Напротив, сите ние сме свесни за тоа колку реално чинат спомениците, а колку е прикажано во јавноста, свесни сме и од која причина е донесена одлуката за аболиција, свесни сме за вашите непромислени одлуки и за фактот дека животот на Тамара вреди повеќе од опашката на еден лав и секако од „Версаче“ ташната на нашите министерки, едноставно свесни сме дека ова не може да продолжи вака. ПРОМЕНИ ДОАЃААТ, „ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА“ ГО НАВЕСТУВА ТОА.

 И како за инает на сите оние што си мислат дека не знаеме за што протестираме, ќе кажам по кој знае кој пат, протестираме против непромислената и, де факто незаконска и неуставна одлука за аболиција, против избори на петти јуни (кои во ниту еден случај не може да бидат фер и демократски) и воедно бараме ОСТАВКА од бескрупулозните политичари. Доста беше самоволие, преку глава ни е од слепа и глува правда, од поделба на патриоти и (како што во последно време нѐ нарекувате) хулигани.

 Бојата што секојдневно „удира“ на спомениците не е сквернавење на истите, таа е одраз на будењето, зашто и самите гледате, народот се буди, гори пламенот на новите идеи за просперитетна Македонија, во која нема место за вас.

 А во однос на реакциите што се појавија од поединечни партии за тоа кој ги организира протестите и за обвинувањата дека зад сето ова стои СДСМ (конкретно во мојот град) , ќе кажам дека овие протести се плод на слободоумните граѓани, заситени од очигледната диктатура, а ние пред сѐ како слободни луѓе (а не припадници на одредена политичка партија) ги подржуваме и ќе ги подржуваме протестите до крај.

Но, ајде, доста беше за аболицијата. Не дека нема што да се каже (за ова може да се зборува со денови), туку редно е малку време да посветиме и на голготата македонска наречена- избори.Околу ова прашање маглата се крена уште минатата година, кога главната тема на улица, на училиште, во автобуси и на ред други места беше т.н. „Договор од Пржино“. Одлуките сите ги знаеме, но ајде да видиме колку од тоа беше исполнето: опозициските пратеници се вратија во законодавниот дом, техничката влада се формираше, специјалното јавно обвинителство исто така, престанавме со „бомбите“. Но, за избори да не стане збор, инаку огинот повторно ќе се потпали. Како што знаеме датумот беше 24-ти април.

Ама како да се спроведат избори со непрочистен избирачки список? Добро, според одредени политички субјекти во тоа нема апсолутно ништо спорно. Што има лошо да гласа човек кој починал пред пет или повеќе години или пак човек со друга лична карта, а можеби и некој што воопшто не живеел на територијата на Р.Македонија? Е има лошо,и тоа доста лошо... А што да кажеме за фантомите кои наводно „живеат“ во нашите домови и за луѓе вметнати во избирачкиот список, за кој упорно се тврди дека е прочистен? Можеби и ова е едно од релативно многуте „погрешни“ мислења на граѓаните.

Па ако и бројот на избирачи се пресметува на истиот начин како и бројот на вработувања во 2015тата година (каде што 5 800 работни места од странски инвестиции и 7 150 работни места преку проектот „Македонија вработува“ даваат вкупно 19 000 работни места), сѐ е можно. Јас сепак мислам дека збирот на овие две цифри е 12 950, а дали и таа бројка е реално остварена останува дискутабилно. Да не должам многу, можам само да кажам дека и овој пат „врхушката“ на власта беше таа што го поништи Пржинскиот договор. Се бега од одговорноста за сторениот криминал, се прави сѐ за да не дојде до фер, регуларни и слободни избори (не за друго, туку свесни се што доаѓа после таквите избори), а за реформи во медиумите воопшто не се ни зборува. Патем, кога веќе ги споменав медиумите, според најновиот извештај на „Фридом Хаус“, нивото на медиумска слобода во нашата земја е на исто рамниште со медиумската слобода во: Судан, Етиопија, С.Кореја, Камерун и други слични држави... па сега размислете кој кого лаже и колку од нашите медиуми ја прикажуваат реалната состојба во земјава. Избори немаше на 24ти април, нема да има ниту на 5ти јуни, избори нема да има сѐ додека не се обезбедат услови за истите. И како последна точка од оваа колумна, ќе го поставам најболното прашање во поновата Кумановска историја.

Што се случи на 9-ти и 10-ти мај минатата година во кумановската „Дива населба“? Се сеќавам како вчера да беше, а еве помина цела година, се сеќавам на тоа кобно утро-предвесник на 8-те згаснати животи и на сите оние пукотници од кои обзема стравот за животот на блиските и за животот на нашите херои. И се прашувам, зошто удирате по сопствениот народ? Зошто Куманово секогаш е вашата цел? Што се случи? Дали ова навистина беше планирана акција на македонската полиција или пак уште една небулозна идеја? Каде бевте тие два дена, додека куршумите летаа над главата на недолжните цивили и македонските полициски сили? Зошто немаше ниту една изјава од официјалните органи и ниту една посета од ваша страна? Два дена се водеше војна, а од вас ништо. Огромна благоданост до нашиот лидер, единствениот човек кој дојде да ни даде поддршка. А за вас само можам да кажам „браво“, се матиравте сами себе,а Куманово не заборава, Куманово не простува, КУМАНОВО ЧЕКА ОДГОВОР.

                              Андријана Спиревска

                            -координатор на средношколци на СДСМ,Куманово

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk