Промоција на документарен филм за тамбурашката легенда Драгомир Шојиќ

26.11.2019 08:36 | KumanovoNews

Во Младинскиот културен центар „Козјак“ утре (среда) во 20 часот, ќе се промовира документарен филм за легендата на тамбурашката музика Драгомир Шојиќ - Шојка. Филмот е во режија на Ратомир Цениќ и Небојша Илиевски, а по сценарио на Далибор Шојиќ.

Промоција на документарен филм за тамбурашката легенда Драгомир Шојиќ

Во филмот животот и професионалниот пат на Шојиќ го раскажуваат неговите пријатели и соработници Нино Величковски, Томислав Маниќ, Радослав Шутевски-Шуте, Горан Илиќ, Јордан Плевнеш, Маргица Антевска, Митко Апостоловски и други.  Документарецот трае четириесетина минути.

Пред еден месец во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ се одржа изложба на фотографии  „Драгомир Шојиќ- човек оркестар“ и промоција на монографијата „Тамбурата на Шојиќ“.

Шојиќ е роден на 28 ноември 1950 година во Куманово, а почина на 21 август 2018 година.

Завршил нижо музичко училиште во Куманово и средно музичко училиште во Скопје, отсек виолина.  Професионално се занимавал со музика, свирел во повеќе кумановски групи и оркестри.

Во 1968 година е еден од оснивачите на првата рок група во Куманово „Глечери“, а потоа членувал и во поп групата „Нај, нај“. Настапувал на „Заечарска гитаријада„ и други престижни рок манифестации во земјава и странство.

Во 1986 влегува во тамбурашката музика и го формира Тамбурашкиот оркестар на Драгомир Шојиќ. Се смета за зачетник на тамбурашкото музицирање во Куманово, поради што редовно учествува на Кумановскиот тамбурашки фестивал, но и на сите останати познати тамбурашки фестивали на Балканот и пошироко. Има освоено повеќе награди и признанија.

Во 1990 година неговото свирење е опеано во легендарната песна „Свирете ми тамбури“, која е прогласена за една од 10 песни на столетието.

Драгомир Шојиќ годинава по повод 500 години Куманово, постхумно од градоначалникот доби благодарница за неговиот придонес во промоција на градот.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk