Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во малата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“- Куманово, вечерва во 18 часот ќе се одржи промоција на книгата „Најосаменото место“ од Симеон Јанков.
Романот ќе го промовира Фросина Пармакоска, која во својата рецензија вели:„Ова е роман за вртоглавите патувања низ најмрачните сокаци во човековата психа, за најосаменото место каде животот го вперува своето огледало во смртта, а смртта испушта еликсир што ја опива душата со љубовта кон „мртвата сакана“. Главниот лик е плетач на приказни, сонувач на минати времиња, гледач на неми филмови, собирач на трепки и на мртви љубови и конечно, цртач на извонредно тенки линии помеѓу она што вистински е и она што само така изгледа. Одлично изграден лик, по малку чудак, по малку мрачен, по малку фантазер, но исклучително несекојдневен и интригантен лик кој во комбинација со занимливата приказна и прекрасниот начин на нејзино раскажување од самиот лик (роман во 1во лице) го произвеле „најосаменото место“ како уникатна must-see дестинација што топло ја препорачувам. Симеон Јанков е веќе потврден раскажувачки водич кој има, и тоа како, што да каже, што да покаже и извонредно креативни начини како да го поведе читателот во неповторлива книжевна авантура!“
Симеон Јанков е роден на 21.08.1981 година во Скопје. Дипломирал македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет во Скопје. Во минатото се занимавал со проучување на словенската митологија, а во последните неколку години се занимава со проучување на врските меѓу македонскиот јазик и словенските јазици, од една страна, и останатите индоевропски јазици, од друга страна, фасциниран од нивната блискост, која најчесто не е воочлива на прв поглед, притоа служејќи се со литературата на некои од најголеми и најреномирани научници на тоа поле, како Макс Фасмер, Рик Дерксен, Олег Трубачев и други.
Автор е на романите „ Црна шума“ и „Најосаменото место“. Преведува од англиски, руски, српски и обратно.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk