Промовирана книгата “Меѓу минатото и сегашноста“

05.12.2013 13:15 | KumanovoNews

Во Градската библиотека, денеска беше промовирана книгата “Меѓу минатото и сегашноста“ од Иван Ивановски.

Промовирана книгата “Меѓу минатото и сегашноста“

Книгата содржи критики и есеи кои говорат за драмската уметност во земјава во последниве три деценции. Ова дело е создавано подолго време и содржи многу факти за развојот на драмската уметност. Помладите генерации преку неа ќе дознаат кој бил актерот Петре Прличко, ќе читаат за познатите македонски режисери и познатите светски критичари.

Книгата ја доби наградата “Димитар Митрев“ лани. За мене ова е многу значајно признание бидејќи ми беше професор, го почитувам многу. Тој беше и останува едно големо критичарско име во Македонија не само за мене туку и за другите творци - изјави авторот Ивановски.

Промоторот Блаже Миневски објасни дека есеите се однесуваат за театарската уметност во периодот од 1982 до 2010 година.

Книгата е наменета за две категории на луѓе. Оние кои биле на таа претстава и читајќи ќе се сетат и оние кои никогаш не биле, а врз основа на текстот ќе можат да направат реконструкција на она што е забележано од него како автор. Има направено неколку интересни анализи на тоа што е актер, што е театар, за пантомимата во Македонија, за монографиите. Останува забележано она што реално веќе не постои, останува само меѓу кориците на книгата. - вели Миневски.

Иван Ивановски последниве пет децении активно твори, и освен критики има издадено голем број книги за деца, поетски збирки, стихозбирки, патеписи и добитник е на неколку книжевни награди.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk