Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Навивачите на ФК „Црвена Звезда“ синоќа се собраа во Занаетчискиот дом во Куманово на промоцијата на книгата „Могу ли ја са вама да разбијем воз“ од авторот Зоран Тимиќ - Тима, посветен навивач од Белград.
„Во книгата има се она што се случуваше со „Звезда“ и околу клубот, малку политика, малку спорт, малку насилство - но сето тоа е само мое видување и доживување на настаните и мојот поглед на некои работи. Пишувана е во прво лице, еднина, тоа се само мои импресии“, изјави авторот.
Книгата од печат излегла пред една година, а пишувана е 16 години. Авторот сакал да пренесе некои свои импресии, свои доживувања за тоа како се раѓала и создавала навивачката сцена во Србија. Мисли дека е добро и младите да се запознаат како сето тоа започнало и се развивало.
Тој вели дека активен навивач на клубот е четириесетина години, и категорично тврди дека она по што се познати или озогласени навивачките групи нема допирна точка со спортот и посветеноста на својот клуб.
„Самиот збор навивање значи да го поддржиш својот клуб, сите работи по кои навивачките групи се непопуларни немаат никаква врска со навивањето, ниту со спортот а никако со нормалниот живот“, истакнува Тима.
До соработка и презентацијата на книгата дошло на покана на кумановските „звездаши“. Искрените навивачи од сите краеви се знаат меѓу себе. Книгата е презентирана и во Босна, Црна Гора, на Косово, а во Македонија само во Куманово.
Еден од организаторите Емил Ташевски долги години дел од Делии Север, и посветен е на својот клуб.
„Јас сум еден од организаторите на овој прв настан, како дел од проектот „Деца смо овог града, сви Звезду волимо“. Како ексклузивна вест можам да кажам дека следниот настан е закажан за 1 јули. Тогаш на Градскиот Плоштад во Куманово ќе биде донесен пехарот на „Лига на шампиони“ од 1991 година во Бари и пехарите од Шампионатот и купот на Србија. На кумановци и пошироко да им донесеме да ги видат тие пехари, затоа што бргу потоа почнуваат подготовките на клубовите за новата сезона и тогаш немаше да бидат достапни“, истакна Ташевски.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk