Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Градската библиотека “Тане Георгиевски“ синоќа беше промовирана збирката поезија “Година без лето“ на Виолета Танчева Златева.
Книгата излезе во април, а во август ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Авторката вели дека се инспирира од она што го доживува секојдневно.
Нема конкретна тема за секој поет ми се чини. Тоа што го доживува, тоа го обработува, така е и со мене. Почнувајќи од мојата секојдневна професионална работа и работа како домаќинка, како мајка, она секојдневие што го живееме и што за жал изобилува и со многу негативни појави, сиромаштија и сето она што не тишти. Не можеме само да се задржиме на онаа романтичарска дефиниција за поезијата - рече Танчева Златева.
Промоторот Братислав Ташковски рече дека авторката има значајно место во современата македонска поезија, а за нејзиниот успех говори и фактот што наградата „Браќа Миладиновци“ ја доби во конкуренција на 51 книга.
Книгата „Година без лето“ е еден своевиден календар на времиња каде што авторот преку лична призма, ни ги опишува сите случувања, настани од нејзиниот живот. Тоа во суштина е една приказна која произлегува од самиот живот кој што Танчева Златева мајсторски ги пренесува во своите стихови. Поделбата на некои емотивни целини постои, меѓутоа може да се каже заеднички дека станува збор за една издржана книга со љубовни навеви, но и со филозофска содржина - изјави промоторот.
Тој кажа дека поетесата во последните 10 години има творештво кое се движи во нагорна линија, а кулминацијата е наградата од Струшките вечери на поезијата. „Година без лето“ досега е промовирана во повеќе градови.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk