Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во основното училиште “Фаик Коница“ во село Слупчане денеска ученици од повеќе етнички заедници го славеа празникот Курбан Бајрам.
Прославата “Празниците зближуваат“ е во рамки на проектот “Безбедни училишта“ , кој го спроведуваат СВР Куманово со општините и под покровителство на ОБСЕ. Пред присутните се зборуваше за значењето на празникот, колењето курбан, а имаше и богата културно-уметничка програма. Виолета Богдановска, раководител на отсек за превенција при СВР Куманово рече дека целта на проектот е да нема меѓуетничка нетрпеливост помеѓу учениците од различни националности.
“Да се живее мирно и безбедно без разлика каде си, каде живееш. Она што е различно не е ништо лошо, туку е богатство. Ако имам една трпеза на која што имам само едно јадење, тоа значи дека секој ден ќе биде ист. Но, ако имаме различни видови јадења тогаш навистина сме богати. Секогаш ќе има нешто ново и нешто поубаво. Не треба никогаш да се откажеш од она што сакаш да го постигнеш, а во нашиот случај тоа е мирна и безбедна заедница за сите. За секоја работа треба трпение , разбирање“- рече Богдановска.
Директорот на “Фаик Коница“, Нагим Авдија вели дека овие заеднички прослави ги зближуваат луѓето кои учат за традициите на другите. Вели дека и самиот со задоволство оди во други училишта за прослава на Божиќ и Велигден.
“Се запознаваме со обичаите, традициите, децата се дружат и колегите се запознаваат. Некои беа колеги кај нас работеа. И денеска се запознаа што е Курбан Бајрам, што подразбира. Колку подобро го знаеш еден народ, подобро ќе се зближиш со него. Денеска беше очигледно дека многу луѓе беа задоволни“-изјави Авдија.
Вакви заеднички прослави на верски празници се практикуваат петта година по ред, при што различни училишта се домаќини за секој празник.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk