Просветните работници од Куманово се против новата концепција за основното образование

11.09.2023 11:54 | Оливера Пешевска

Исфрлувањето на фундаменталните науки од образованието, за просветните работници од Куманово значи вовед во образование без знаење, способности и вештини, неопходни за живот во новиот милениум. Образовен систем без физика, хемија, биологија, географија и историја, поточно систем во кој во два наставни предмети се спојуваат мал дел научни вистини од горенаведените науки, не може да биде силен и не може да произведе квалитет“, сметаат просветните од Куманово.

Просветните работници од Куманово се против новата концепција за основното образование

Наставничките совети на основните училишта во Куманово едногласно се изјаснија против новата концепција за основно образование, откако темелно ја анализираа и практично започнаа да ја применуваат. Тие ги повикаа  колегите од сите основни и средни училишта во државата да се изјаснат против новата концепција, а од Министерствотот за образование и наука упатуваат барање веднаш да ја стопираат, порачувајќи дека се подготвени да работат по старите наставни планови и програми.

„Од 1 септември новата концепција се имплементира во предметната настава од 6-то одделение, но за неколку години ќе ги опфати сите 4 завршни одделенија од основното образование. Сметаме дека новата концепција е реално неостварлива. Уште повеќе, во својата суштина, таа води кон слабнеење на образовниот систем. Минатата недела беше вистински предизвик да се направи распоредот за часови за сите колеги, не знам како ќе се снаоѓаме од догодина. А тоа е најмал од сите проблеми кои произлегоа со воведувањето на новите предмети-Природни науки и Историја и општество“, изјави Анита Димовска, претседателка на Здружението на просветни работници на Куманово.

Со новата концепција, во наставните планови од VI–IX одделение, се исфрлаат наставните предмети: историја, географија, физика, хемија, биологија, а наместо овие предмети учениците ќе изучуваат нови два наставни предмети-во рамки на наставната програма по предметот природни науки, опфатени се дел од содржини од наведените предмети кои се укинуваат, додека предметот историја и општество, според новата концепција, опфаќа дел од наставни содржини од предметите: историја, географија и граѓанско образование, кои повеќе нема да бидат дел од наставните планови. Наставата во една учебна година треба да ја предаваат три наставника, секој од своето научно подрачје, а вреднувањето на постигнувањата на учениците и годишната оценка ќе биде математички просек од трите поединечни оценки.

За наставниците од Куманово, од суштинска важност е надлежните да испечатат учебници за секој наставен предмет и за секој ученик во основното и средно образование да создадат подобри услови за настава во училиштата, посилна поддршка на учениците и вработување на педагог, психолог, логопед, дефектолог и образовни асистенти за помош во работа со деца со попреченост во развојот во секое едно училиште. Во недостиг на просторни услови,кога најголемиот дел училишта во земјава работат во две смени, без училишни кујни, недоволно опремени кабинети, библиотеки со читална, фискултурни сали, новата концепција е реално неостварлива. 

Кумановските просветари ги повикуваат синдикатите да преземат одговорност за враќање на достоинството на наставниците, да ја оправдаат улогата која ја имаат пред своето членство и заедно со наставниците да се изборат за подобар статус на учителот и подобро образование за идните генерации.

Истовремено ги револтира и исфрлувањето на историскиот дел од македонскиот јазик од наставната програма за VI одделение, што за просветните работници од Куманово е недопустиво и недозволиво. Јазикот е идентитетско обележје на секој народ и никој нема право да го исфрла од наставната програма она што ја дефинира македонската нација.

Сеопфатното сексуално образование согласно новата концепција, треба да е дел од наставните планови и програми од најрана возраст во основното образование. Дури има препорака за продлабочување на знаење од истиот предмет за учениците од IV одделение (деветгодишна возраст) како можност за изборен предмет. Наставниците сметаат дека училиштето не смее да биде место за промоција на сексот, видови љубов и сé што како задача за воспитување му припаѓа на семејството.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk