Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дваесетина превозници на култиватори денеска излегоа на мирен протест пред општина Куманово, откако градоначалникот Максим Димитриевски, најави нивно отстранување од сообраќајот. Граѓаните одбија барањата да ги достават во општината, нагласувајќи дека култиваторите се нивен единствен начин за егзистенција.
„Бараме од градоначалникот да не ослободи да си работиме како и досега, протестот не е политички мотивиран. Засегнати се околу 100 семејства, ние работиме за парче леб, нема тука политика, бараме да не остави градоначалникот да си работиме. Ако е способен нека ги вработи сите овие луѓе, а не да не исклучува од сообраќај. Има шеесетина мотокултиватори, сите излегоа да протестираат за своето парче леб, за своето семејство, политика не не интересеира, да не го чепка сиромашниот народ“, велат превозниците.
На протестот пред општината се обрати кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата, Оливер Илиевски потенцирајќи дека проблемот може да се реши со обезбедување депонија за цврст отпад на која што тие бесплатно ќе депонираат.
„Лебот на секој граѓанин никој не смее да му го земе, решение има за се. Во Куманово ќе направиме депонија за цврст отпад каде што вие бесплатно цврстиот отпад, шут, мебел ќе го депонирате под еден услов, вашите мотокултиватори треба да бидат регистрирани“, рече Илиевски.
Градоначалникот Максим Димитриевски смета дека протестот е политички мотивиран.
„Јас ги повикувам граѓаните да не потпаѓаат на овие вакви провокации. Секогаш постојат можности да се уреди нивниот начин на делување, дали преку проекти и други активности, но ова беше чисто политички мотивиран процес. Го видов и противканддатот дека наеднаш се појави пред оваа насобрана група граѓани и им одржа и политички говор. Цврст сум на моите ставови да опстанам на тоа што ми е со закон доделена надлежност да се грижам за јавната хигиена во градот, бидејќи не можеме сите ние да се однесуваме како граѓани одговорно, а поединци, 20 -30 луѓе или колкав и да е нивниот број да биде целосно неодговорен и да создава диви депонии секаде низ градот, без разлика која ќе биде политичката цена на овие избори јас ќе опстојам на тоа, а граѓаните на Општина Куманово тоа го гледаат и разбираат, изјави Димитриевски.
Димитриевски дополни дека секоја година Општината го чисти речното корито, депониите по реките Којнарка, Липковска, Кумановка и голем број други локации каде што култиваторите истураат градежен шут и друг вид на комунален или некомунален отпад , дивата депонија кај локацијата поранешен Туш.
(Извор. ТВ Плус)
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk