Противпожарно возило со хидраулична скала донација од Австрија ќе добие Куманово

25.06.2025 09:50 | KumanovoNews

Општина Куманово ќе добие современо противпожарно возило со хидраулична скала и возило за шумски пожари, преку проект за зајакнување на капацитетите на противпожарните единици во соработка со покраината Тирол и Австриската амбасада. 

 

Противпожарно возило со хидраулична скала донација од Австрија ќе добие Куманово

„Согласно овој договор до крајот на годината очекуваме да добиеме минимум едно противпожарно возило, кое му е неопходно на градот. Тоа е во одлична техничка состојба, се работи за возило со хидраулична скала и систем за спасување што градот Скопје го купи пред 3 години и чини над 700.000 евра, и дополнително уште едно адаптирано возило за интервенција на шумски пожари. Во рамките на овој проект ние сакаме да ги зголемиме нашите капацитети и нашето искуство, и да го зголемиме нивото на волонтеризам за заштита од пожари, и нивно опремување и стационирање на поголем број на пунктови на територија на Општина Куманово“, кажа градоначалникот Максим Димитриевски.   

Делегација од кумановски пожарникари веќе биле во посета на колегите од Тирол, и во моментот работи на реактивирање на  доброволното противпожарно друштво „Перо Чичо“ .

„Целта е да воспоставиме и соработка за обуки, очекуваме наши пожарникари во иднина да се обучуваат во центарот за обука, кој е изграден по пат на донација од Тиролската влада во Осијек, Хрватска“, кажа Димитриевски. 

Кумановските пожарникари ја покриваат и територијата на општина Липково, поради што имаа голем обем на работа, а скромна техничка опрема и недоволен број на вработени.  Возилото со хидраулична корпа е особено неопходно за гаснење на пожар во висококатниците во градот.

 

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk