Пругата ќе го остави Режановце без канализација

09.06.2015 10:19 | KumanovoNews

Жителите на кумановското село Режановце денеска по втор пат ја блокираа изградбата на пругата Куманово-Бељаковце, бидејќи не е исполнето барањето да се постави цевка под пругата за потребата на канализациска мрежа во селото.

Пругата ќе го остави Режановце без канализација

 Жителите бараат додека трае реконструкцијата на пругата да се остави пропуст за канализација и со тоа да се реши деценискиот проблем со отпадните води. Фирмата изведувач која по првиот протест ветила дека до петок цевката ќе биде вградена, не го исполнила ветувањето и работите сеуште не се отпочнати, па селаните се сомневаат дека ќе бидат изманипулирани.

“Срамота и греота е што ова го прави државата, а државата ја прави народот. Овдека живеат 1000 жители и некој треба да размисли со глава. Селото е незадоволно. Немаме друг начин демократски, освен да пратиме допис да не го користат нашиот пат. Државата нема слух, има за нешто во Скопје да се прави, таму има по 3 милиони евра, а за овде нема 25.000 евра толку чини да се прекопа и општина Куманово по 15 октомври да стартува да се направи канализација во селото“- вели Зоран Крстевски, претседател на месна заедница Режановце.

Жителите се жалат дека само за време на избори добиваат ветувања од политичарите, а ништо не се реализира.

“Ветуваа за три дена ќе ја постават цевката, а еве месец дена биднаа и ништо нема. Јас не знам кај да се обратиме и што да правиме. Ако треба секој ден ќе протестираме и нема до дозволиме да работат“ - рече Душко Спасовски, жител на Режановце.

Подизведувачот го посети селото и прво им кажа дека немало цевка, а потоа дека машината е во дефект и не можат да работат. Мештаните сметаат дека ова се само изговори за да не се вгради цевка под пругата.

Со истото барање жителите на Режановце протестираа пред месец дена.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk