Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Првонаградена е Кристина Димитријевиќ, а втори се сестрите Евгенија Стошевска и Маријана Петровска, кои подготвија најдобри пивтии на годинешнава гастрономска манифестација „Пивтијада“, која по 21-пат се одржа во ресторанот „Грација“ во Куманово.
Во силна конкуренција од 14 натпреварувачки, стручното жири одлучи дека по вкусот, изгледот и составот на пивтијата, како и целокупниот аранжман на празничната трпеза, надополнета со баници, погача, кифлички и други специјалитети подготвени од наградените, заслужија највисоки оценки.
„За прв пат учествуваме на „Пивтијада“ и не се надевавме дека ќе освоиме награда. Многу сме задоволни од организацијата и догодина пак ќе учествуваме и да се дружиме. Ги охрабруваме домаќинки да се пријават и да си го покажат своето знаење и умешност во правење пивтии. Им го честитаме на сите граѓани овој голем празник“, рекоа второнаградените Евгенија и Маријана.
Тие велат дека пивтиите ги подготвуваат на традиционален начин, како што научиле од нивната мајка и баби. Според нив најбитна е добрата подготовка, избор на месо и должината на варење. Откако свaреното месо ќе се исчисти од коските се засипува со течност и се става лук. Се оставаат преку ноќ да се фатат.
Традиционалната манифестација Пивтијада оваа година ја организираше ресторанот Грација и здружението Еко-гард.
„Денеска имавме гости од Штип и Врање. За во иднина планираме соработката да ја продолжиме и со Србија и Бугарија, за да ја направиме оваа манифестација со уште помасовен и меѓународен карактер“, изјави претседателот Зоран Бојковски.
На манифестацијата беше предадено новото кумство, по што следеше дегистација на пивтиите и културно - уметничка програма.
Ивана Алексовска
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk