Првоаприлски маскенбали во градинките и школите

01.04.2015 10:46 | KumanovoNews

Денот на шегата -1 април децата во градинка и учениците го одбележа со маскенбал.

Првоаприлски маскенбали во градинките и школите

Маскирани како пчелки, бубамари, спајдермени, принцези, полицајци, пирати, децата дефилираа во градинките каде се згрижени, а воспитувачките им објаснија дека денеска се одбележува Денот на шегата.

Од јасли до големи групи сите се маскирани. Имавме други планови да одиме на плоштад, но поради лошите временски услови правиме дефиле во нашата градинка. Пуштаме музика, децата се радосни, весели, се забавуваме и може и по некоја лага да си кажеме - вели Цветанка Митевска, воспитувач во градинка “Синоличка“.

Дел од основците маскирани прошетаа низ центарот на градот.

Креативноста нивна и на нивните родители се гледа. Некои од маските се направени, а други се купени. Тое се ликови од цртаните филмови или игрите кои ги играат на компјутер, а има и некои навистина инвентивни и оригинални маски - изјави Габриела Тодоровиќ, одделенски наставник во „Крсте Мисирков“.

Учениците велат дека идејата е нивна, а домашните им помогнале околу подготовка на маските.

Маскиран сум како доктор. Баба ми ми помогна за маската. Убаво е да се биде доктор и затоа ја одбрав оваа маска - кажа Лука Бошковски, ученик во „Крсте Мисирков“.

Секоја година на идентичен начин со дефиле на Градскиот плоштад, учениците го одбележуваат Денот на шегата.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk