Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пукната цевка за дотур на вода во високите зони поплави неколку куќи и дворови во населбата Проевце.
Жителите велат дека утринава ги разбудил силен звук, по што водата се издигнала неколку метри од земјата. Ја поплавила улицата и навлегла во подрумските простирии и нивните дворови.
Се работи за полиетиленска цевка од транзитен вод изградена во 2005 година, кога биле пуштени во употреба алтернативните бунари во Проевце за водоснабдување на населбите „Бајрам Шабани„, „Карпош“, „Иго Тричковиќ“, „Перо Чичо“, „Тоде Мендол“ и „Черкеско село“.
„Поради технички недостатоци на цевката и непочитување на прописите при нејзиното поставување имавме чести дефекти на цевката. Затоа во годишната програма предвидовме замена, која требаше да започне во наредниот период. Минатата недела имавме интервенција и цевката беше заварена, но не издржа ни пет дена. Сега водата е исклучена и нема опасност од нови пукања, а од понеделник ќе се започнеме со замена и поставување на нова челична цевка која ќе има поголем профил во однос на сегашната и ќе издржи притисок до 100 бари. Работите би требало да се завршат за 20 дена“,- изјави директорот на ЈП „Водовод“ Горан Стојковски.
Додека е исклучена водата од алтернативните извори во Проевце, водоснабдувањето во градот ќе се врши исклучиво од липковските акумулации. Директорот веќе разговарал со претставниците на Кумановско-липковско поле да се стави во функција дополнителниот вод.
Според Стојковски, на терен ќе излезат екипи од осигурителна комисија кои ќе направат проценка на штетите кои се направени од излевањето на водата и сите домаќинства ќе бидат обештетени.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk