Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во фоајето на Центар за култура Куманово денеска се одржа работилница за деца, на која се обработуваше приказната „Куќичката на 7-те наџуџиња” на Ана Голејшка- Џикова и илустраторката Иванка Ниба.
Настанот е дел од Меѓународниот фестивал на прозата, а учествуваа ученици од 2 и 5 одделение од „Крсте Мисирков“.
„Си поминуваме убаво, уживаме, а на крај децата разбраа дека е многу важно да се пишува, да се учи и да се чита за да се биде отворен кон светот. Ова сега за мене е остварување на еден малечок сон, да можам да бидам раскажувачка, седната на стол што се клацка и децата да можат да чујат нешто повеќе од тоа што имам напишано“, истакна авторката Голејшка- Џикова.
Децата лесно се анимираа, привлечени од интересната приказна и активно се вклучија со свои мисли и заклучоци на темата. Додаваа и одземаа, покажуваа што научиле, но и придонесуваа со свои идеи на развиток на темите во друга насока. Работилницата најмногу личеше на неформален настан, исполнет со џагор и довикување, насмевки и заинтересирани ширум, отворени очи.
На почетокот на работилницата беше отворена изложба на илустрации на Иванка Ниба, од повеќе различни книги за деца. Полека беа воведени во темата, покажаа особен интерес и желба за учество на она на што присуствуваа.
„Децата во Куманово се прекрасни, имаат многу голема желба, жедни се за знаења од било која сфера- илустраторска, писателска. Самите се вклучуваат во приказната, за мене е изненадувачки што се многу дициплинирани, преубаво си поминувам. Имаат милион прашања и одговори, она што го бараме од нив да се сработи на работилницата го добиваме со максимален квалитет од нивна страна, во однос на емоција, на чувства. Многу ми е драго што се вклучени во еден ваков фестивал, што е начин да им градиме вредности“, констатираше илустраторката Иванка Ниба.
Ова е трето издание на Фестивал на прозата во Куманово, настан кој полека се етаблира на книжевната мапа во државата и станува традиционален. Во рамките на фестивалот секоја година се одржуваат работилници за деца, со што и најмалите се вклучуваат во програмата.
Фестивалот на проза во Куманово е поддржан од Министерството за клутура и туризам со 300.000 денари и Општина Куманово со 10.000 денари.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk