Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Женската екипа на основното училиште „Браќа Миладиновци„ го освои државното првенство во ракомет за 2016 година, кое од 7 до 9 април се одржа во Демир Хисар.
Ученичките во финалето се сретнаа со ракометарките на Димо Хаџидимов од Скопје и славеа убедлива победа.
„За да се дојде до ова државно првенство поминавме доста квалификациони натпревари од општинско, зонски, меѓузонски и регионални натпревари. Освоивме 17 победи пред да дојдеме на првенството. Борбата беше многу голема, особено во полуфиналето со екипата на Струга, каде во продолженијата успејавме со гол разлика да славиме победа. Со екипата на Карпош од Скопје направивме добар резултат и со пет гола разлика се закитивме со златен медал и станавме најдобрата екипа во Република Македонија за 2016 година“- изјави Миле Јордановски, професор по физичко воспитание.
По повод големиот успех, денеска во училиштето беше приреден свечен пречек. Ракометаките ги поздрави директорката Марина Манојловска.
Никогаш досега не сум била толку среќна, како во оној момент во недела кога дознав дека моите лавици од Браќа Миладиновци се шампини на Македонија. Ова е едно чувство кое веројатно ќе го паметам целиот живот“, - рече Манојловска.
Девојчињата не ја криеа својата радост и со големо задоволство раскажуваа како ги дале одлучувачките голови.
На почетокот добивме два лесни натпревари со повеќе од 10 разлика, вториот ден игравме со екипата на Струга, еден од најтешките натпревари. Во продолжените, три секунди пред крајот го постигнав одлучувачкиот гол од половината на теренот и така победивме. Во финалето уште на почетокот поведовме со 5 разлика и до крајот само ја одржувавме разликата“, -вели капетанот Јована Кипријановска.
Сара Цветановска постигна најмногу голови на првенството, а успеја противничката екипа ја изненади и со шут од зад грб.
Сите ни излегоа на фластер да ни играат, сите стоеја на средина на теренот. Јас излегов да ја примам топката од Јована, се свртев и од зад грб им дадов гол“,- вели Цветановска.
Најтежок беше натпреварот со Струга затоа што девојките беа повисоки и посилни, добро тренирани. Но сепак во второто продолжение со цврста одбрана дојдовме до победа“,- вели Зорана Петрушевска.
Додека цврсто го држеа освоените пехар, младите ракометарки ветија уште многу спортски победи и достигнувања за училиштето и градот. Очигледно е дека пред спортските работници и тренерите е нова генерација на квалитени ракометарки кои ќе ги засилат кумановските клубови. Прашање е дали некој ќе го препознае и искористи нивниот потенцијал и знаење, и ќе создаде услови за развој на женскиот ракомет во Куманово.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk