Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Тротоарите на улицата „Доне Божинов“ во централното градско подрачје се конечно ослободени од паркирани возила, откако надлежните служби презедоа засилени мерки за санкционирање на непрописното паркирање.
Во акција што започна на почетокот на неделата, пајак службата подигна поголем број автомобили поради, поплаки од граѓаните.
„Ве известуваме дека возилата од улицата „Доне Божинов“ се подигнати од страна на пајак служба поради поплаки од страна на граѓаните за попречување на нормално движење на пешаците. Подолг временски период е констатирано дека наведеното место е небезбедно за пешаците бидејќи истите не можат да се движат по тротоарите со што се доведува до отежнато одвивање на сообраќајот“, информираат од СВР Куманово.
Мерката, иако наидува на поддршка кај дел од граѓаните, предизвика незадоволство кај жителите на зградите долж улицата. Велат дека со години паркираат на тоа место, а сега немаат алтернатива.
„Убаво е што расчистија, ама каде да паркираме ние? Сега метежот е префрлен во внатрешната уличка, таму е хаос. Не може вака, прво нека направат паркинг, па нека воведуваат ред“, вели Љ.Д., станар во една од зградите.
На овој потег има една зграда со подземен паркинг, но капацитетот е драстично помал од бројот на станови. За втората зграда нема проектирано паркинг простор, а објектите на Музеј Куманово и останатите станбени згради датираат од 70-тите години и исто така немаат решен паркинг.
И додека жителите бараат трајно решение, случајните минувачи велат дека дури сега може да се види колку е всушност широка улицата.
„Изгледа сосема поинаку кога нема коли по тротоарите. Улицата дише“, вели еден граѓанин.
Станарите апелираат надлежните да најдат одржливо решение, а едно од предлозите е а се обезбеди простор за голема катна гаража во дворот на поранешен „Житомел“.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk