Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
СВР Куманово остана без Посебната мобилна единица за борба против криминал. На полицајците во вторникот им било соопштено дека се укинува Единицата, и им биле поделени наредби за разрешување од должноста, како и за распоредување на старите работни места .
Во кумановската единица „Алфи„ имало вработено 38 полицајци, распоредени во 4 тима.
Бевме повикани на состанок, и ние мислевеме дека новиот началник сака да ги слушне проблемите со кои се соочуваме и да ни каже што очекува од нас. Наместо тоа, добивме наредби, потпишани од директорот Љупчо Тодоровски, за разрешување, без прецизно објаснување зошто. Нашата единица беше од привремен карактер, и наводно, не успеале да се изборат да добиеме решенија за работните места, како што тоа го направиле во Скопје. Спомнаа дека ќе се формира и некаква нова единица, но ништо конкретно- вели еден од полицајците.
Од МВР велат дека „Алфите„ се стационирани во Скопје, а се испраќаат по потреба и во другите градови.
Вработените се разочарани од ваквата одлука на Дирекцијата за безбедност, поради тоа што Куманово е специфично подрачје со мешан етнички состав каде се вкрстуваат патишта на двата коридори, а ги покрива и општините Липково и Старо Нагоричане, и северната граница каде што е неопходна поголема полициска контрола. Единицата е формирана пред 6 години, а целосно била опремена и професионализирана пред 3,5 година. Дека работите не одат во добра насока, полицајците насетиле уште лани ова време, кога во почнало интензивно да се штеди на возила и гориво.
Се штеди на гориво во сите служби, но најизразено беше врз работата на мобилната единица. Ние наместо да користиме три возила во смена, користевме само едно, но и тогаш бевме лимитирани на 500 денари, што не е доволно ни за пола смена. Многу често ќе заминеме на терен и ќе останеме без гориво, па стававме сами за да се вратиме во станицата- вели нашиот извор.
Алфите во Куманово имаа резултати во работењето и подршка кај граѓаните, бидејќи криминалот во градот значително се намали како резултат на нивното дејствување.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk