Расте бројот на сообраќајни несреќи поради неодговорно однесување на учесниците во сообраќајот

13.09.2019 09:09 | KumanovoNews

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), апелира секој учесник во сообраќајот да преземе поголема лична одговорност и целосно и безусловно да ги почитува сообраќајните правила и прописи.

Расте бројот на сообраќајни несреќи поради неодговорно однесување на учесниците во сообраќајот

„Максимално почитување на поставената сообраќајна сигнализација е обврска на секој учесник во сообраќајот без разлика дали станува збор за  пешак, велосипедист, мотоциклист, или возач. Да продолжиме да ја градиме и да ја менуваме сообраќајната култура, почнувајки секој од себе, преку личен пример и позитивен придонес, за помалу  жртви и поголема безбедност на улиците и патиштата“, - соопштуваат од РСБСП.

Примери на секојдневната сообраќајна негрижа се возачи кои достигнуваат преголеми и неразумни брзини во или надвор од населеното место, пијаните возачи, патниците кои не користат безбедносен појас, неправилно паркирани возила, мотоциклистите без заштита, велосипедистите без осветлување и пешаците коишто се движат надвор од тротоарот. Последиците  ги трпат сите учесници во сообраќајот, а цената за нивната негрижа се изгубени човечки животи.

„Она што дополнително загрижува, е фактот што учесниците во сообраќајот во голем дел не се ни свесни за грешките и пропустите кои секојдневно ги прават во сообраќајот и на тој начин одредени опасни појави преминуваат во секојдневна лоша навика која често значи и причина за изгубен човечки живот“,- соопштуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

 Во Македонија, годишно во просек околу 160 лица го губат својот живот во сообраќајна несреќа, а околу 6000 се тешко повредени. Во 2018 година 133 лица го загубиле својот живот во сообраќајна несреќа, а дури 5.860 биле тешко повредени.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk