Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во изложбениот салон на Центарот за култура “Трајко Прокопиев” Куманово, утре вторник во 20 часот, ќе биде отворена Ретроспективна изложба на слики “55 – години ликовно творештво” на Боро Арсовски - Бабата.
Боро Арсовски – Бабата е роден 1952 година во с. Страцин. Основно и средно образование завршил во Куманово. Со сликарство се занимава од 1969 година како сликар наивец и воедно изработува скулптури во камен и керамика – теракота.
Првпат излага во 1971 година со ДЛУК од кога е и член на друштвото со кое настапува на многубројни годишни изложби ширум Југославија. Учествувал на преку 30 меѓународни ликовни колонии на наивна уметност во : Риека, Загреб, Петриња, Врбовец, Нови Винодолски – Хрватска, Сански Мост, Лукавац – Босна и Херцеговина, Врање, Светозарево – Србија, Требње – Словенија. Учествувано на преку 200 групни изложби и 4 самостојни. Неговите дела се лицитирани на неколку аукции во Белград и Скопје. Неговите слики се наоѓаат во многу галерии, музеи и приватни колекции ширум светот.
Творештвото на Арсовски се композиции проткаени со етнографски елементи и македонски народен фолклор. Посебност во неговото сликарство го чинат портретите кои се во натприродна големина ги вградува во зачудувачки сцени и ситуации.
Изложбата е дел од годишната програма на Национални установи за 2025 година поддржани од Министерство за култура и туризам на Македонија.
Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 15. октомври.
2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk