„Ревизор„ премиерно во Кумановскиот театар

25.04.2016 10:58 | KumanovoNews

Претставата „Ревизор “, по текст на Николај Васиљевич Гогољ, а во режија на Андреј Цветановски во среда премиерно ќе биде изведена во Кумановскиот театар.

„Ревизор„ премиерно во Кумановскиот театар

Во претставата се зборува за актуелни теми, човековиот страв и потребата за моќ, кои се појавуваат во секој систем.

 „Гогољ е секогаш актуелен и современ иако ја напишал претставата пред 150 години, се занимава со универзални теми и пораки. Дел од репликите се однесуваат на актуелната ситуација, како сега да сме ги додале, а всушност текстот е толку актуелен што немаше потреба ништо да преправаме. Зборува за човековата потреба за моќ, и стравот кој не ни е вроден но брзо го добиваме, стравот од власта, и тоа што е над нас и сите оние стеги што општеството ги наметнива. Сметам дека  овој текст е толку битен што ако треба да се одберат 10 книги, кои што треба да се закопаат и следната цивилизација да ги најдат, меѓу нив е Ревизор“,- изјави режисерот Андреј Цветановски.

Актерот Горан Илиќ во претставата е градоначалник Антон Антонович Дмухановски. Тој вели дека нема многу разлика од сегашните градоначалници и ликот што го игра.

„Ретко кога посегнувам по тоа што надвор го има, не сум тип на глумци што барам модели надвор од себе. Но толку многу сме преокупирани со политика што сакаш-неќеш гледаш некакви модели на градоначалници, бидејќи толку многу се актуелни. Едноставно влегуваш многу полесно во таа суштина на тоа што се вика власт, моќ, на нивни стравови, инфантилности. И овој градоначалник е таков, фотељата во која седи му е голма, тој не ја заслужува и тука доаѓа комичното и трагичносто во него. Тука ја наоѓам конекцијата со овие наши градоначалници“, - изјави Илиќ.

Во претставата играат:Горан Илиќ, Кети Дончевска - Илиќ, Александра Михајловска, Мартин Лазаревски, Мирослав Петковиќ, Марко Трајковиќ,  Владо Дојчиноски, Милош Стојковиќ, Никола Наковски, Мартин Манев и Горан Ников. Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костими Александар Рашковиќ, композитор Димитар Андоновски и драматург Зоран Зафировски.

Првата реприза на претставата е закажана во четврток.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk