Видео: Рибар пропаднал во жив песок кај Студена Бара, пожарникарите го ваделе три часа

08.07.2024 11:10 | KumanovoNews

Три часа траела акцијата на кумановските пожарникари за спасување на риболовец, кој утринава пропаднал во жив песок во реката Пчиња, во атарот на кумановското село Студена бара.

Видео: Рибар пропаднал во жив песок кај Студена Бара, пожарникарите го ваделе три часа

Тој побарал помош утринава околу 4 часот, а бил извлечен околу 7 часот, по што итно бил пренесен во Кумановската болница.

 „Случај го пријавил риболовец, којшто ги слушнал повици за помош на лицето кое покрај реката заглавило во длабока тиња и кал. Ситуацијата била опасна, бидејќи како што сакал да се самоизвлече се повеќе пропаѓал на местото каде што почвата била маскиран „жив песок“ со исушен слој на површината“, соопштуваат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). 

 Риболовецот во тињата бил до рамениците и бил многу истоштен, поради што неговото извлекување било исклучително тешко. Дополнителен проблем бил непристапниот терен и опасноста и спасувачите да пропаднат во калта, но акцијата завршила успешно со тимска работа на пожарникарите. 

„Пожарникарите успеале да го фатат со јажиња и полека го извлекувале, при што било потребно и нивно доизвлекување, бидејќи и тие тонеле полека во меката почва. Еден со друг тимски си помагале, етапа по етапа, успејале“, додаваат од ЦУК.

Риболовецот е вон животна опасност.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk