Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Традиционалната музичка манифестација „Рома-труба фест“, утре започнува на Градскиот плоштад во Куманово. Фестивалот на трубата ќе трае два дена (5 и 6 септември), а ќе настапат најдобрите 15 оркестри од Србија, Франција, Белгија, Кипар и Македонија.
Првата вечер ќе учествуваат оркестрите на Уска Кан Кантуров од Берово, Кеми Асанов од Струмица, Ферус Мустафов од Скопје, Роберт Демировиќ и Бојан Ристиќ од Србија, и оркестрите од Франција и Кипар. Специјални гости се Роберт и Ферчо.
„Ги поканувам сите љубители на дувачките оркестри и кумановската публика да дојдат и да уживаат во она што го организиравме и да дадат поддршка на самата манифестација. Оваа година нудиме исклучително квалитетна програма што досега нашата публика ја нема видено. Имаме најава дека ќе дојдат посетители од Хрватска и Јапонија, како и од Јужна Србија и сите делови на Македонија. Со тоа што фестивалот оваа година трае два дена, се надеваме дека ќе го оствариме сонот и наредната година, на јубилејот, ќе направиме фестивал по теркот на српска „Гуча“ во Македонија или фестивал на трубата Балканот во мало во Куманово, кој ќе трае повеќе денови и со повеќе содржини, - изјави Самет Салиевски, уметнички директор на фестивалот.
Втората вечер,ќе ја отвори оркестарот на Џамбо Агушев со специјалната гостинка „Љубојна“, која ќе ја отпее химната „Џелем, Џелем“. Потоа следуваат Рос бенд Алимов, Среќко Ибраимовиќ, млади Браќа Кадриеви од Штип кои живеат во Белгија, како и оркестрите и играорците од Франција и Кипар.
И оваа година фестивалот ќе биде од ревијален карактер.
„Рома труба фест“ го организира Ансамблот на народни ромски песни и игри „Рушит Шакир“ од Куманово, ќе се одржи на Градскиот плоштад со почеток во 19.30 часот.
Манифестацијата се одржува под покровителство на Општина Куманово која одвои 100.000 денари и 200.000 денари од Министерството за култура, а останатото со помош на спонзори и донатори.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk