Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Националниот ромски центар попладнево постави неколку штандови во населбата Средорек, каде што Ромите од правни соработници можеа да добијат совети во врска со легализацијата на бесправно изградените објекти.
Од НРЦ велат дека на овој начин процедурата за легализација ќе се поедностави за ромското население. Оваа активност е дел од проектот на НРЦ насловен како “Домувањето е повеќе од четири ѕида и кров“. Легализирани досега се 100 ромски куќи, а за легализација во Куманово има над 600 живеалишта.
Нашите правни соработници, правни застапници им даваат правни совети за сите бариери со кои се сретнуваат од административен аспект пред се бидејќи сепак се работи за една популација која не може на соодветен начин да ги толкува зборовите и одговорите, за начинот на обезбедување на документи, па се до финалното решение. Ние на еден поедноставен начин им објаснуваме и ги охрабруваме дека процесот е долг, тежок, меѓутоа е вреден бидејќи секој дом е вредност за едно семејство - изјави Ашмет Елезовски од НРЦ.
Елезовски се надева дека ќе се најде решение за легализација на дивоградбите кои се веднаш до речното корито. За оваа проблематика ќе биде изготвен и документарен филм.
Поднесов барање за легализација. Ашмет Елезовски ми помогна за легализација. Имам четири соби, шпај, бања, околу 80 квадрати е куќата - рече Трајче Мустафов, жител на Средорек.
Жителите без информирани дека за социјалците елаборатите ќе бидат бесплатни. Караванот на НРЦ посети повеќе градови во Македонија, а следни ќе бидат Крива Паланка, Тетово и општина Шуто Оризари. Проектот е поддржан од УСАИД.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk