Само оние што знаат да пливаат ќе скокаат по крстот во затворениот базен

18.01.2017 15:02 | KumanovoNews

Три пливачки клуба од градот го организираат фрлањето на светиот крст во водите на затворениот базен во Куманово.

Само оние што знаат да пливаат ќе скокаат по крстот во затворениот базен

Според организаторите, целта е да го спојат модерното и традиционалното, односно да го потикнат натпреваручкиот дух на младите и на вакви големи верски празници. Манифестацијата е дел од активностите предвидени со програмата на пливачките клубови.  

„Секој кој има желба да биде дел од оваа манифестација треба да се пријави на базенот и да ги испочитува сите правила што се во согласност со работата на базенот. Тоа значи дека треба да има соодветен костим за капење и капа. Без таа опрема никој нема да му се дозволи да влезе во базенот, - изјави тренерот Момчило Антевски.

Право на учество ќе имаат само оние што утре до 10 часот ќе се пријават, по што на сите ќе се изврши лекарски преглед. Истовремено и ќе се утврдуваат пливачките способности на учесниците бидејќи базенот е длабок 2.10 метри. Оние што незнаат да пливаат нема да скокаат по крстот.

„Сите пријавени треба до 11 часот да бидат во базенот. Ги предупредуваме оние што не се сигурни во своите пливачки способности да не се пријавуваат, - велат организаторите.

Фаќањето на крстот ќе го следат спасувачки екипи.

Манифестацијата ја организираат клубовите: „Тумба„, „Делфин„ и „Аква„ подржани од Кумановско-осоговската епархија и општината Куманово.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk