Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Уметничката галерија во Куманово утре /петок/ со почеток во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата „Црно-бело, бело-црно“ на сликарот и дипломиран графичар Дејвид Стоилковски од Куманово.
На изложбата ќе можат да се видат 20 дела, слики работени во техника акрил на платно.
„Авторот работи на еден мурал на ѕидот во Галеријата, која јавноста ќе може да ги види до крајот на оваа година. Творештвото го карактеризира црно-белиот колорит и хиперреалитичкиот пристап во градењето на делото“, истакна Драгана Спасковска, виш кустос при НУ Музеј – Куманово.
Ова е негова втора самостојна изложба на Стоилковски, кој е препознатлив по изработката на мурали и како член на Здружението Форма и еден од организаторите на Графити фест.
Дејвид Стоилковски е роден 1997 година во Куманово, каде живее и работи. Слика мурали, платна, црта графити. Досега има реализирано една самостојна изложба во 2022 година во Куманово. Учесник е на повеќе групни изложби во РС Македонија и Хрватска. Еден е од организаторите на Графити фестивалот во Куманово. Има насликано мурали во Македонија, Америка, Австрија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија. Најмногу има сработено мурали во Куманово, но и во Штип, Кочани, Струмица, Блатец, Крива Паланка, Скопје, Дојран, Тетово, како и други проекти во градовите низ Македонија.
Самостојната изложба „Црно-бело,бело-црно“ на Дејвид Стоилковски ќе биде отворена до крајот на годината.
Таа е дел од програмските активности на Националната установа Музеј Куманово.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk