Се бара инструментот што го снема од дворот на друштвото „Панче Пешев“

17.07.2022 08:47 | Сузана Николиќ

Минатата недела од дворот на КУД „Панче Пешев“ исчезна музички инструмент - гусла, која припаѓа на друштвото.

Се бара инструментот што го снема од дворот на друштвото „Панче Пешев“

Инструментот е особено значаен и неопходен за работа на Оркестарот на изворни инструменти, кој настапува на бројни домашни и меѓународни фестивали, и ја претставува кумановската и македонската култура и традиција.

„Се вративме од фестивалот во Долнени и додека ги остававме другите инструменти на оградата сме ја заборавиле гуслата. Брзо се вративме да ја побараме, но веќе ја немаше. Претпоставуваме дека ја земал некој што поминувал оттука. Можеби и не знае дека е наша. Станува збор за инструмент кој има големо емотивно и професионално значење за нас и затоа апелираме да ни го вратат“, вели шефот на оркестарот Мирон Спасовски.

Тој додава дека оставиле одредено време и се понадевале дека пронаоѓачот ќе ја донесе гуслата, но доколку тоа не се случи и по овој апел, тогаш тие случајот ќе го пријават во полиција, за да се прегледаат камерите од околните објекти, кои го покриваат делот каде што била оставена гуслата и да се открие кој ја земал. 

Од друштвото ги повикуваат и граѓаните коишто имаат било каква информација во врска со овој случај да ја споделат со нив. 

Чесниот пронаоѓач гуслата може да ја донесе во просториите на друштвото „Панче Пешев“.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk