Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Постојат голем број обреди и обичаи кои се применуваат во Кумановско, по повод големиот христијански празни Духовден.
Сите се во чест на култот на предците и верувањето дека на овој ден ќе го видат духот на покојникот и ќе разговараат со него. Во селата на задушница се оди во петок и сабота, додека на градските гробишта во Куманово се бдее и преку ноќ. Обичаите кои сега се практикуваат се, помалку или повеќе, наследени од предците. Ова го потврдува и Анита Трајковска - Ѓеоргиоска, етнолог во Кумановскиот музеј.
"Празникот е три дена, на Духовден му претходи задушница или мртва сабота, а третиот ден е Св. Троица. Отсекогаш верниците оделе во црковните храмови и носеле разни билки, листови од ореви и плетеле венчиња на кои им се придавало апотропејско значење, со верување дека куќата и нив ќе ги заштити од лошите сили и демони. Преку ден се оди на гробовите на починатите, се раздава за душа, лепчиња, овошје и земјени садови, со верба дека мртвите ќе уживаат во задгробниот живот. Постои обичај на Духовден да се бдее цела ноќ, верувајќи дека ќе успеат да стапат во врска со починатите. Затоа сипувале вино во чаша, со надеж дека ќе го видат покојникот и ќе разговараат со него. Ги чистеле и миеле гробовите со листови од ореви, на тој начин симболично прикажувајќи го миењето и плакнењето на покојниците. За оревовите гранки и листови се верувало дека имаат моќ и сила да ја привлечат душата на починатиот. Всушност, самиот празник е во чест на култот на предците и остварување една заемна врска со душите нивни, преку обичаите и обредите", објаснува Трајковска Ѓеоргиеска.
Од Кумановско-осоговската епархија им порачуваат на верниците да не заминуваат на гробиштата на Духовден ноќе и да не прават пикник со храна и пиење туку кротко и скромно да им поделат храна на сиромашните и да се помолат за упокоение на мртвите.
(Вест)
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk