Се чистат градските гробишта во Куманово, откако граѓаните се побунија дека се валкани и запуштени

13.09.2022 11:20 | KumanovoNews

По бурните реакции на граѓаните на социјалните мрежи, дека градските гробишта во Куманово се затрпани во ѓубре и зараснати во трева, денеска се чистеа контејнерите и се собираше расфрланото ѓубре. 

Се чистат градските гробишта во Куманово, откако граѓаните се побунија дека се валкани и запуштени

Работници од ЈП „Чистота и зеленило“ тврдат дека сметот го изнесуваат редовно 2 пати неделно, и дека нивните екипи секојдневно поминуваат и интервенираат таму каде што има потреба, но ги обвинуваат граѓаните дека не водат сметка каде и што ќе остават. 

„Неколку часа по расчистување повторно се насобира многу ѓубре, наместо во кантите и контејнерите се фрла до нив. Сите очекуваат гробиштата да бидат средени, но никој не сака да се потруди јавните површини да се чисти. Секој ќе си го исчисти и ќе го среди своето место, а потоа ќе фрли на најблиското слободно место или чистинка“, велат вработените со кои поразговаравме.

Тие додаваат дека градските гробишта се протегаат на површина од 19 хектари, што е огромна површина и едноставно не можат да стигнат насекаде во ист ден.  Најавуваат дека е планирана поголема акција за што се надеваат дека ќе даде резултати, а во чистењето ќе можат да се вклучат и граѓаните.

И директорот на претпријатието објави дека нивни екипи активно работат на повеќе локации, на косење, кроење и расчистување во градските гробишта и на ул. Биљановска.

Критиките за хигиената на градските гробишта се постојана тема меѓу граѓаните. Тие сметаат дека претпријатието не посветува доволно време и внимание и покрај тоа што секое семејство кое има гробно место плаќа годишна закупнина за одржување на гробиштата.

O. Пешевска

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk