Се чистат каналите и реките во Куманово

16.08.2016 12:36 | KumanovoNews

Општина Куманово започна акција за чистење на каналите и речните корита во градот.

Се чистат каналите и реките во Куманово

Изминатите 4 дена се чистеше поток Серава во населбата „Тоде Мендол“, а наредните денови активностите ќе продолжат на реките Кумановка, Липковка и Којнарка.

„Поток Серава е најголем канал за атмосферска вода која го поврзува Романовце, најголемото сливно подрајче на градот со реката Липковка. Беше затрпан со смет, но сега е исчистен и отворени се решетките за заштита и пропуст на водата. Со тоа зголемена е безбедноста на овој дел од градот од евентуално надоаѓање на поголеми води. Овoj канал е изграден по поплавата во Куманово во 1976 година кога имаше елементарна непогода со големи последици за градот, - рече градоначалникот Зоран Дамјановски.

Надлежните од општината Куманово информираа дека за 4 дена, од почетокот на работите, од каналот се извадени 600 метри кубни смет, што е последица на несовесното однесување на граѓаните кои го затрпуваат каналот со смет. Тие се надеваат дека ќе проработи еколошката свест на жителите од населбата за доброто на градот.

Во наредните денови механизацијата ќе се префрли во речните корита на Кумановка, Липковка и Којнарка, каде постојат критични точки за излевање на водата.

 Акцијата за чистење на каналите и речните корита ќе трае еден месец, а ќе чини 2.8 милиони денари.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk