☰

Се чисти депонијата на пругата во „Перо Чичо“, се бараат санкции за оние што фрлаат ѓубре

30.09.2026 13:20 | Сузана Николиќ

И покрај тоа што неколкупати годишно се чисти, дивата депонија покрај железничката пруга во населбата „Перо Чичо“ повторно е преполна со отпад.

Се чисти депонијата на пругата во „Перо Чичо“, се бараат санкции за оние што фрлаат ѓубре

ЈП „Чистота и Зеленило“ денеска почна со расчистување на локацијата, а директорот Сашо Томиќ побара надлежните служби да излезат на терен и да преземат мерки против лицата кои незаконски го оставаат отпадот.

„И покрај тешката состојба во која се наоѓа претпријатието, излеговме во пресрет на барањата на граѓаните и започнуваме со активности за отстранување на насобраниот отпад од дивата депонија околу и на железничкиот премин во населбата „Перо Чичо“, вели Томиќ.

Тој побара од инспекциските служби, како и од МВР, да излезат на терен и да извршат надзор, а против лицата кои повторно незаконски ќе одлагаат отпад на оваа локација да бидат преземени мерки согласно нивните надлежности.

Општина Куманово и јавното претпријатие неколкупати годишно организираат акции за чистење на оваа локација, и трошат големи пари за тоа, но состојбата редовно се повторува. Надлежните признаваат дека истите лица го фрлаат отпадот на оваа локација, но досега поминуваат неказнето.

Advertisement

2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk