Се најавува уредување на стариот парк, граѓаните не веруваат

08.06.2018 08:04 | KumanovoNews

Надлежните од ЈП „Чистота и зеленило“, вчера по кој знае кој пат најавија целосно чистење и уредување на градскиот парк во близина на Автобуската станица, но граѓаните не веруваат дека тоа навистина ќе се случи тоа.

Се најавува уредување на стариот парк, граѓаните не веруваат

„Ќе чистат еден ден и утре ќе ги снема. Поминете да видите дали ќе бидат тука и наредните денови. Ќе ја окосат тревата и толку. Попусто се фалат. Во паркот со години нема клупи, се е уништетно, валкано и запуштено, обраснато во трева и исушено. Пред неколку години беа исечени тополи и од нив требаше да се направат дрвени клупи. Поставија неколку, а другите каде се“, - прашува еден граѓанин.

Акцијата за чистење и уредување на паркот се најави еден ден откако беше назначен новиот в.д. директор на ЈП “Чистота и зеленило“ Даниел Стојчевски.  На прес-конференција излезе раководителката на техничкиот сектор Благица Јовановска, која најави широка акција за уредување на парковите и зеленилото во градот, како и поставување на нова урбана опрема.

„Паркот ќе се чисти три дена целосно, а потоа ќе се пристапи кон поставување на клупи и корпи за смет. Ги повикувам граѓаните да го посетат овој парк, бидејќи е преубаво, воздухот е чист, имаме засадено нови садници. Се надеваме дека ќе поставиме и нови играчки за да можат граѓаните да уживаат во овие жешки денови“, - изјави Јовановска.

 Стариот градски парк зафаќа површина од 2 хектари и најголем е во градот, но наместо уредени тревни површини и цвеќе, со години е запуштен и запустен, оставен да пропаѓа иако се наоѓа преку улица на јавното претпријатие што е задолжено да го одржува.

Јовановска најави и отварање на нови паркови и цветни површини за да, како што рече, овој град заличи на една урбана средина.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk