Се одржа првата пензионерска фолклорна ревија во Куманово

13.06.2023 09:11 | Оливера Пешевска

Пензионерски фолклорни друштва од Куманово, Крива Паланка, Кочани, Врање, Лесковац и Зајечар, вчера  учествуваа на првата Меѓународна фолклорна ревија на платото пред Центарот за култура во Куманово. 

Се одржа првата пензионерска фолклорна ревија во Куманово

Намерата е ваквата манифестација да прерасне во традиционална и да се прошири соработката со повеќе градови во земјава и регионот.

„Се обидовме за краток период да најдеме нешто што ќе ги зближи пензионерите и што заеднички ќе ги води кон врутокот на изворната песна, мелос и фолклор. Успеавме да се договориме со две наши општински организации, но да се вмрежиме и со гостите од соседна Србија. Тоа се региони каде културата и традицијата се слични,па дури и дијалектот, зборовите, фолклорот и музиката се слични. Тоа беше поттикот да дојдат, и да види публиката дека тоа се ист народ, народ кој треба да е близок “, изјави Ристо Бошков, претседател на кумановското здружение.

Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија дава целосна поддршка на манифестации,  бидејќи преку фолклорот се зачувува нашиот национален фолклор и идентитет.

„Она што е најважно има движење, меѓусобно поврзување, вмрежување на културни активности, разнолики и разновидни по својот карактер. Но, нивната убавина е во тоа што се надвор од политичката сцена, значи поврзаноста на народите преку песна оро и музика“, потенцираше Станка Трајкова, претседател на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија.

Главна порака која беше испратена е пензионерите да бидат почитувани, бидејќи со својата работа се вградиле во развојот на државата. 
 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk