Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Една година по сообраќајната несреќа во која загина познатиот голман и директор на фудбалската репрезентација Петар Милошевски, во Основниот суд Куманово се уште не е подигнато обвинение.
Од извори од Кумановското обвинителство дознаваме дека истрага што се води против Живко Б. од Куманово, возачот на џипот кој се судри со возилото во кое се наоѓал Милошевски, е на самиот крај и се подготвува обвинителениот акт. Пристигнало е и сообраќајно техничкото вештачење, на кое долго се чекало.
Познатиот голман Петар Милошевски (41) го загуби животот во сообраќајна несреќа на магистралниот пат Куманово- Крива Паланка, во населбата Карпош, при судир на два автомобила. На денешен ден минатата година, во 23.15 минути службеното пежо на ФФМ, кое го управувал Илчо Ѓ.(43) од Скопје, се судрило со џип „Јаз„ кое го возел Живко Б.(62) од спротивната насока. Од ударот, пежото во кое Милошевски бил совозач, излетало од коловозот и се превртело. Од задобиените повреди Милошевски починал на самото место.
Минутка по сообраќајката наидовме. За малку ќе го згазевме возачот на џипот, кој испаднал од возилото и лежеше на коловозот. Нашиот возач успеја некако да го избегне, инаку и ние ќе се превртевме. Притрчавме веднаш да помогнеме на повредените, но Пепи не даваше знаци на живот. Не можевме да го извадиме од колата. Му ја држев главата во раце и го молев да се разбуди, се надевав дека сум грешка и дека нема да се случи најлошото. Давипол саати го вадеа Пепи од колата. Го сечеа прво покривот на колата, па ние со раце тргавме да помогнеме.,- раскажуваше наредниот ден, потресено Саша Кириќ, кој заедно со Ѓоко Хаџиевски дојдоа на местото на несреќата.
Критичната вечер Милошевски и останатите поранешни репрезентативци биле на вечера во еден кумановски ресторан, откако учествувале на хуманитарен фудбалски натпревар во Спортската сала Куманово.
Бевме задоволни како помина натпреварот во спортската сала, бидејќи пет илјади луѓе, главно млади деца, не воодушевија од подршката. Пепи на натпреварот не бранеше, туку играше шпиц, за да се размрда малку, да се растрча. Расположени си тргнавме накај дома. Пепи секогаш беше многу позитивна личност. На вечерата ние бевме единствените што постевме, бидејќи Пепи беше многу побожен. Сите со срце дојдовме и игравме да помогнеме да спасиме дете, а го изгубивме Пепи- велеше Кириќ.
Во чест на Милошевски, во спортската сала Куманово, вечерва фудбалските ветерани ќе одиграат меморијален натпревар.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk