Се повикуваат родителите да ги вакцинираат децата, од следната недела теренска вакцина во училиштата

12.02.2019 11:14 | KumanovoNews

Од вакциналните пунктови повторно ќе ги повикуваат родителите чии деца не ја примиле вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит) да ги вакцинираат.

Се повикуваат родителите да ги вакцинираат децата, од следната недела теренска вакцина во училиштата

Службите за имунизација уште еднаш ќе направат контроли колку од децата што одат во основно училиште не се вакцинирани или се вакцинирани само со една доза и ќе ги повикаат родителите да ги однесат на вакцинација.

Ова се дел од мерките кои ги донесе Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, откако во рок од три дена починаа три деца, од кои едно 6-месечно на Клиниката за инфективни болести, а две 13-месечни на Клиниката за детски болести. Комисијата му предложила на Министерството за здравство да се почне и со теренска вакцинација на децата од училишна возраст во училиштата, за да се зголеми бројот на вакцинирани деца, а со тоа да се намали и бројот на заразени.

Од Министерството за здравство велат дека на вонредната седница Комисијата за заразни болести констатирала оти вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење.

„Се апелира за интензивна и неодложна вакцинација на децата кои се во добро здравје за да се подигне колективниот имунитет. Да се вакцинираат сите здравствени работници кои имаат непосреден контакт со пациенти заболени од морбили. Најстрого се забранува и посета на болни во сите здравствени установи. Морбилите се високо заразно заболување кое лесно се пренесува по капков пат. Едно лице со мали сипаници може да зарази 9 од 10 лица околу него кои не се вакцинирани“, велат од Министерството за здравство.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk