Се реконструира кровот на спортската сала Соколана, првата фаза од проектот ќе чини 240.000 евра

09.01.2025 16:01 | KumanovoNews

Во тек е реконструкијата на кровот на спортската сала Соколана во Куманово. 

Се реконструира кровот на спортската сала Соколана, првата фаза од проектот ќе чини 240.000 евра

Градежните работи започнале на крајот на минатиот месец, а ги изведува фирмата „Филип инженеринг“ од село Бразда, скопко. Целокупната вредност на договорот за овој дел од работата е 14.763 милиони денари или 240.000 евра.

Реконструкцијата на Соколана започнаа кон средината на 2023 година, со претходно обезбедени дозволи од Министерството за транспорт и врски и согласност од Конзерваторскиот центар. Работите на кровот се во рамките на првата фаза кога се работеше на зајакнување на статиката на објектот и кровната конструкција. Во втората фаза е предвидено да се работи на фасадата и замена на столаријата, третата е резервирана за внатрешно уредување и адаптација на просториите за намената за која е и изградена. 

Како последно беше најавено партерно уредување на објектот, но локалната власт веќе вложи и 14,96 милиони денари за реконструкција на паркот, како и за обновување на постоечките и изградба на спортски терени веднаш до Соколана, со вредност од 4,49 милиони денари.

Во 2019 Владата по 20 години ги врати на Општина Куманово комплексот Соколана, Градскиот стадион, стрелиштето и спортската сала.

Спортската сала Соколана е симбол на богатиот спортски и забавен живот на Куманово од минатиот век, и граѓаните со нетрпение очекуваат да и се врати некогашниот сјај.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk