Се укинува графата националност во матичните книги на родени, венчани и умрени

28.02.2024 18:35 | Сузана Николиќ

Уставниот суд денеска ја укина графата делот „националност” во  матичната книга на родените, на венчаните и на умрените, од Законот за матична евиденција. 

Се укинува графата националност во матичните книги на родени, венчани и умрени Фото: portalb.mk

Според судот барањето на овој податок од граѓаните при впушувањето во матичните книги е во спротивност со темелната вредност на слободно изразување на национална припадност.

„Овој член од Уставот вклучува не само право на поединецот слободно да одлучи да се изјасни за сопствената националност, туку и право  да не се изјасни по ова прашање вклучително и да ја промени декларираната националност, што не беше возможно со деловите од одредбите кои денеска се укинати. 

Уставниот суд ја донесе одлуката поаѓајќи од фактот дека станува збор за приватно и внатрешно чувство на човекот и никој не може да биде принуден  тоа чувство да го манифестира во јавноста и уште повеќе да биде предмет на задолжително институционално администрирање во јавни исправи, со оглед дека Уставот преку член 18 ја гарантира тајноста и сигурноста на личните податоци на граѓаните“, велат од Уставниот суд. 

Дополнително преку членот 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста, неговиот семеен и личен живот, на достоинството и на угледот. 

Со оглед на денешната одлука, повеќе не постои правен основ во матичните книги за родени, венчани и умрени да се бара податок за националноста. 

Иницијативата е поднесена во јули 2023 година од страна на политичката партија „Левица".  

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk