Се уште не се расчистени насобраните гранки под мостот на Кумановка во Проевце

14.12.2023 10:38 | Сузана Николиќ

Повеќе од три недели стојат паднати дрвја, гранки и другиот смет во речното корито под мостот на реката Кумановка во селото Проевце, а надлежните од општина Куманово се уште не се организирале да ги расчистат.  

Се уште не се расчистени насобраните гранки под мостот на Кумановка во Проевце

Од Центарот за управување со кризи велат дека проблемот го пријавиле на 24 ноември.

„За истото запознаени се ЈП „Чистота и зеленило“ и ЈП „Водостопанство“, но истите немале соодветна механизација за отстранување на гранките. Според известувањето од лицето за контакт од Општина Куманово, за ова се информирани и одговорните лица од Општинскиот кризен штаб и од нивна страна се правеле напори за решавање на настанатата ситуација, информираше денеска ЦУК.

За проблемот пред две недели пишуваше и Кумановоњуз, но јавните претпријатијата се прогласија за ненадлежни, велејќи дека тоа е работа на Водостопанство.

„Секаде каде има Генерален или Детален урбанистички план, општината има надлежност да ги чисти реките, така да расчистувањето на речното корито треба да го организираат локалните власти“, одговори тогаш Оливер Илиевски, директор на подружницата Кумановско-Липковско поле.

 Од Кризниот штаб на општината не успејавме да добиеме одговор.

Локалните жители, велат дека реката Кумановка во тој дел на градот никогаш не е чиста, но по последните врнежи од дожд и топењето на снегот зголемен е водостојот, па донела дополнителни количини на смет. Тие се плашат дека доколку не се исчисти навреме постои опасност од поплави, бидејќи ѓубрето ќе го намали протокот на водата и ќе направи брана.

„Има стебла од топола, насоберени гранки, кои го попречуваат текот и го задржуваат отпадот фрлен во реката. Што ќе биде не знам, нема да е прв пат да не поплави, но што ако попушти мостот ќе останеме отсечени од градот. Може некој да биде повреден или не дај боже и полошо“, изјави  жител на Проевце.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk