Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Се поголем број наши сограѓани се жалат на симптоми на грип и настинка, кои се шират кај сите возрасни групи. Матичните лекари тврдат дека тоа не е ништо невообичаено и дека секоја година ваквите акутни респираторни инфекции се во пораст во периодот декември-јануари.
Засега вирусот е со благи симптоми и важат генералните препораки за заштита и лекување на вирусни инфекции.
„Затнат нос, болки во грло, малаксаност ,кашлица и покачена температура која не надминува 37,5 се симптомите со кои се јавуваат пациентите. Не покажува знаци дека ќе предизвика инфекција на долните респираторни патишта, а многу ретко доаѓа до бронхитис или запаление на белите дробови.Но, оние кои се во здравствена состојба која може да доведе до компликации треба да бидат екстремно претпазливи, тоа е препораката што важи за сите со хроничен бронхитис, астма“ изјави Дејан Цветковски,матичен лекар од Куманово.
Поголем пораст на бројките има кај децата од предучилишна и училишна возраст, но докторот ги повторува препораките пациентите да не се лекуваат на своја рака со антибиотици, туку да се зајакнува имунитетот со витамински суплементи, свежа храна, цитрусно овошје, повеќе одмор, редовно проветрување на просториите и доволен внес на течности-супи,чаеви,сокови од свежо цедено овошје и вода. Така, побргу поминува вирусот и без поголеми последици.
Од Центарот за јавно здравје информираат дека кај нив минатата недела има пријавено 14 случаи на сезонски грип и само 3 случаи на ковид инфекции. Вакцинацијата на граѓаните на Куманово против сезонски грип се одвива со забавено темпо и веќе нема термини за вакцинација на ризичната група која влегува во категоријата за бесплатна вакцинација.
„Вакцини за комерцијална употреба има во доволен број и сите заинтересирани граѓани можат да дојдат и да се вакцинираат. Не е доцна,вакцинацијата се препорачува до февруари,кога и проаѓа сезоната на вакви вирусни инфекции. Цената за една вакцина е 800 денари и ја препорачуваме за сите оние кои повеќе се задржуваат во затворен простор, со поголема концентрација на луѓе.Ја препорачуваме за подигање на имунитетот и заштита на организмот за да не се доведат и помладите во ситуација да ги „одболуваат“ празниците или зимскиот одмор. препорачува Јадранка Стаменковска,доктор епидемиолог во ЦЈЗ Куманово.
Од 19 октомври кога започна вакцинацијата против сезонски грип, досега на територијата на Североисточниот регион има вакцинирано 2246 луѓе. И тука важат препораките да се избегнуваат поголеми друштва и затворени простории, повеќе одмор, редовно проветрување и затоплување на собите, додека организмот се бори да создаде имунитет.
Комисијата за заразни болести во однос на актуелната епидемиолошка состојба во државата констатира дека и состојбата со ковид-19 е стабилна, нема зголемување на бројот на позитивни случаи, хоспитализирани и починати.
Ставот на Комисијата е дека четирите мерки, кои се актуелни и се уште се на сила, како што се: носење маска во здравствени установи, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица и лица со посебни потреби, одговараат на актуелната епидемиолошка состојба и тие ќе продолжат и во иднина.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk